Пилот на лесен спортски авион загина откако леталото удри во највисокиот облакодер во Пекинг, соопштија локалните власти од округот Чаојанг.
Според информациите, во авионот во моментот на несреќата се наоѓал само пилотот, кој починал на местото на настанот. Во несреќата се повредени уште 13 лица.
Леталото, со големина приближно колку автомобил, вчера удрило во облакодерот „ЦИТИК Тауер“, по што полицијата веднаш го блокирала пристапот до објектот и им забранила на минувачите да го снимаат местото на несреќата.
Еден очевидец изјавил дека околу 18 часот по локално време слушнал силен удар, а потоа го видел авионот заглавен во зградата.
„Бучавата беше исклучително силна, погласна од огномет“, изјавил сведокот.
Тој додал дека снимил видео на кое се гледа леталото забодено во облакодерот, но подоцна го избришал од страв од полицијата.
Друг очевидец изјавил дека пристигнал на местото откако на социјалните мрежи видел непотврдени фотографии од остатоци од мало летало покрај облакодерот.
Набргу по инцидентот, објавите поврзани со несреќата биле отстранети од кинеските социјални мрежи.