Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка, еден од најзначајните духовни и културно-историски споменици во скопскиот регион, се соочува со сериозно запуштање, предупредуваат загрижени граѓани кои бараат итна реакција од надлежните институции.
Светињата, која се наоѓа на околу 15 километри од центарот на Скопје и потекнува од 1337 година, а била обновена кон крајот на 15 век, според реакциите во јавноста, со години е оставена без соодветна грижа и заштита.
„Дали има институции во државава?! На што личи ова?!“, прашуваат револтирано граѓаните, посочувајќи дека на објектот се забележливи сериозни оштетувања кои го загрозуваат неговото опстојување.
Особена загриженост предизвикува појавата на таканаречена шалитра – белузлава кристална наслага што се создава како резултат на присуство на влага и соли во ѕидовите. Оваа појава, позната како ефлоресценција, претставува сериозна опасност за фрескоживописот и за внатрешните ѕидни површини.
Стручните лица предупредуваат дека шалитрата може да предизвика лупење на бојата, распаѓање на малтерот и појава на бели наслаги, а доколку не се преземат соодветни мерки, постои ризик од трајно уништување на делови од вредните фрески.
Граѓаните апелираат до надлежните институции што поскоро да извршат увид на состојбата и да преземат активности за заштита и санација на манастирот, со цел да се спречи понатамошно пропаѓање на овој значаен дел од македонското културно и духовно наследство.