Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека донел одлука за разрешување на сите претседатели на општински ограноци на СДСМ.
-Синоќа донесов одлуки, а денеска е ред да ги споделам – ќе бидат изработени решенија од страна на администрацијата на СДСМ и во текот на денов ќе ги потпишам решенијата. Одлуката е – се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија, на сите претседатели на оние општински организации каде се победи на изборите. Апелирам да бидат повторно кандидати, нека се кандидираат на следниот конкурс кој уште идната седмица ќе биде објавен во постапка, изјави Заев по работниот појадок со бизнисмените што се одржа во хотелот Хилтон.
Тој информира дека разрешувањата се во вкупно 78 општински организации. Органите и телата на СДСМ веднаш ќе донесат одлука за отпочнување постапка за избор на нови раководства.