Необично натпреварување во кое учесниците имитираа квичење и рикање на свињи се одржа во Тарту, вториот по големина град во Естонија, во рамки на земјоделски саем што привлече големо внимание од посетителите.
На отворена сцена, натпреварувачите се обидувале што поверно да ги доловат звуците на свињите, настапувајќи пред публика која гласно ги бодрела. Победник на натпреварот бил локалниот жител Андрус Мајлехт, кој изјавил дека изведбата му дошла спонтано.
„Тоа едноставно излезе од мене“, изјавил победникот.
За својата изведба, која била наградена со силен аплауз, Мајлехт добил ваучер за половина свиња и одредена количина колбаси.
Победникот го избрал стручен жири составен од претставници на естонската свињарска индустрија, кои ги оценувале учесниците според автентичност, енергија и забавен ефект.
„Мора да бидете храбри, весели и ентузијастични“, изјавила организаторката Маде Брита Еенсалу.
Членот на жирито Ааре Калсон посочил дека токму „многу професионалната“ изведба била клучна за победата.
„Кога ги затворив очите, не можев да кажам дали сум на фарма за свињи или на саем. Навистина се чувствував како да сум на фарма“, изјавил Калсон.
Организаторката додала дека победникот слушнал за натпреварот на радио и се подготвувал околу три часа, успевајќи да ја освои публиката со својот настап.
„Ми беше јасно дека се потрудил да им покаже на луѓето нешто посебно. И мислам дека публиката навистина реагираше на тоа“, изјавила Еенсалу.