Од најголемите аплаузи до солзи, од еуфорија до ѕвездено небо за Кочани – вака изгледаше тричасовниот концерт на Слаткаристика и Тони Зен каде беа собрани и стари и млади. Многу емоции преплетени со забава, а на сцената се појавија и нивни блиски соработници меѓу кои Калиопи, Некст тајм, Два бона. Тони Зен неколкупати повтори дека овој концерт го посветува на неговото семејство кое беше на трибините, додека Слаткаристика рече дека настапува со посебна возбуда бидејќи првпат во публиката е неговиот син Моша.
Најемотивниот момент дојде со автобиографската „Да полетам“ со која пораснаа низа генерации, а за која многумина велат дека е повеќе од само неколку стихови. Истата е напишана за тешката состојба во која се наоѓало семејството на Слаткаристика. Овојпат, за првпат, тој ја изведе во придружба на Калиопи, а подоцна им се придружи и Тони Зен.
Уште од самиот момент кога излегоа на сцената беа поздравени со громогласен аплауз кој доаѓаше од преполната арена „Борис Трајковски“. Аплауз кој траеше и беше проследен со врисоци. А веќе во следниот момент започна „Спушти се доле“, хит кој го паметат низа генерации.
По неколку заеднички траки, Тони Зен се повлече, а „Два бона“ се качија на сцена. Следуваше „Дијаманти“ апсолутен моментален хит. Слаткар продолжи сам со „Бетмен“, „Олабави ме“, „ФМ“, „Тик-так“... но и „Дими џам“ со која публиката се потсети и на легендарниот Ферус. Не беа изоставени и баладите „Сара“, па „Магдалена“ која ја испеаја со Некст Тајм – двете со текстови базирани на вистински приказни. Целата сала ја пееше и „Океани“.
А на сцената, Тони Зен порача „Овој концерт е за моето семејство. Ве поздравувам и Петковски и Јованови“, по што започна познатиот ритам на „Интелекет“ и влезе во полн ефект. Продолжи со „Во мој стил“, па прокоментира „Наше а светско а?“. Со Слаткар изброаја до 12 додека цела сала ја пееше „Жими се“.
Не ги заборавија ниту повредените, ниту жртвите од кочанскиот клуб „Пулс“. Цела сала со вклучени светилки на телефоните направија ѕвездено небо во нивна чест.
Концертот го организираше Прагма продукција.