Зелен хуман град смета дека градоначалниците кои не си ја исполнуваат должноста и не го штитат јавниот интерес треба да бидат сменети, откако во Аеродром се планира сечење на здрави дрвја за проширување на булевар. Оттаму сметаат дека Скопје мора да се развива правилно, што би значело дека не смее да се дозволи уништување на здрави дрвја стари по половина век. Овие пораки ги испратија од протестот во Аеродром, каде се планира реконструкцијата на булеварот.
„Град што не се развива е град што умира. Скопје мора да биде зелен град. Овој маскар е платен со наши пари. Бараме веднаш да се запре со проширувањето, да не се дозволи масакар на здрави дрвја во Аеродром, една од најзагадените општини, во еден од најзагадените градови во светот“, посочија од Зелен хуман град.
Вчера, кај обележаните дрвја за сечење кај ул. Васко Карангелески стигнала механизација, а од утре ќе се почнело со проширување на улицата. ЗХГ нема да дозволиме уништување на белите дробови на еден од најзагадените градови во светот.
Локалната власт во заминување ветуваше зелени површини, а наместо тоа донесе уште поголема бетонизација и сечење на дрвја. За да биде лицемерието поголемо, новиот кандидат за градоначалник на Аеродром од СДСМ кажува дека ќе се грижел за зеленилото, за зеленило што ќе го исече неговата партија ли ќе се грижи?“ велат од „Зелен хуман град“.
Оттаму ги повикуваат сите граѓани кои не сакаат да живеат во бетонски град да дојдат денес (22 септември) во 10 часот спроти ОУ „Љубен Лапе“ до Воениот базен заеднички да го сопрат уништувањето на уште еден ред зеленило во градот.