Љупчо Палевски-Палчо е петтиот обвинет во случајот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а истражната постапка против него е завршена, дознава „Скопје1“ од извори во Обвинителството. Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска ги собрала сите докази со кои тврди дека Палевски ги извршил директно двете убиства со пиштол, пукајќи во пределот на главата на Ѓорчевска, но и Жежовски. Обвинението ќе биде предадено во судот, каде по оценката на судиите, треба да прејде во фаза на судење.
Според информации на „Скопје1“, овој предмет ќе се спои со претходно одобреното обвинение каде за грабнување и убиство се гонат Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, а таткото Александар Ѓорчевски за давање информации за движењето на Вања, односно помагање при грабнување.
Обвинителката Крстевска-Јосифовска останува на тврдењето дека целта на грабнувањето на Вања било да се присили член на семејството да даде откуп за детето, но и дека имало комуникација помеѓу таткото Ѓорчевски и Палевски. Грабнувањето било по излегување од лифтот, па со украдениот „цитроен“ од убиениот Жежовски била однесена на ридот кај Скопска Црна Гора. Според обвинителката планот за откупот не се реализирал бидејќи Вања се барала преку апел на социјалните мрежи, по што била убиена и закопана во дупка.
Жежовски пак, пет дена претходно бил грабнат и убиен. Обвинителката ќе докажува дека тоа го сториле истите обвинети – Палевски, Кешишов, Манев и Видевски. Целта според неа била да се земе возилото со кое подоцна се грабнува Вања. Жежовски бил изнесен од неговиот дом со „цитроенот“ и однесен во околината на Велес. Заедничко е што и тој, како и Вања е убиен со куршум со иста големина.
Претходно, при спровод во суд, Палевски негираше вмешаност во убиствата и тврдеше дека не ги сторил. Тој дури се насмеа додека ги слушаше прашањата. Посочи и дека има докази за неговите тврдења. Инаку, по неговата екстрадиција од Турција, каде беше во бегство, беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
(Видео) Палевски прашан каде бил за време на убиствата: Не сум бил во бегство
Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, не одговори каде бил за време на убиствата и искоментира: „Не смеам да говорам за истрагата“. На прашањето зошто се дал во бегство, Палевски посочи: „Не сум бил во бегство“.При спроводот во Кривичен суд, Палевски дека не ги сторил убиствата. Прашан од „Скопје1“ дали за тоа има докази – рече: „да“. Тој не одговори какви докази поседува. Пред судијата на претходна постапка нема да се брани со молчење.
Македонија | пред 1 година