Македонија раскажана преку своите песни, своите поети и стиховите што со децении ја чуваат нејзината болка, гордост и непокор. Игор Џамбазов, Орхидеја Дукова и Сашко Костов го донесоа најемотивниот дел од настанот посветен на 35 години независна Македонија, спојувајќи ги музиката и поезијата во една силна приказна за македонскиот народ.
Пред публиката прозвуче „Земјо македонска“, песната нераскинливо поврзана со гласот на доајенката на македонската народна музика, Васка Илиева.
Следуваа стиховите од песната „Македонија“ на Анте Поповски, кои и денес звучат како опис на земјата што опстојувала низ векови на искушенија.
„Еве ја таа проста земја од дволичен камен и сонце.“
Одекна и една од најсилните пораки на Гане Тодоровски, од неговата песна „Нашинска“ – стих што во само неколку зборови ја собира истрајноста на македонскиот народ.
„И покрај сѐ, и покрај сѐ, колку сме, толку сме, токму сме!“
Во емотивната сценска целина беше вклучена и „Тешкото“ на Блаже Конески, поемата во која преку звукот на зурлата, ударот на тапанот и македонското оро се преточени вековната болка, тагата и непокорот на народот.
Плоштадот ја слушна и македонската народна песна „И ние сме деца на Македонија“, позната и како „Налеј, налеј“, посветена на борбата на македонскиот народ за живот, правда и слобода.
„И ние сме деца на мајката земја, на мајката земја, на Македонија.“
Особено силно прозвуче и „Фуснота без повод“ од Гане Тодоровски – песна што ги отвора прашањата за раселените Македонци, испразнетите села и поделениот народ.
„Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки? Кај се Помаците? Кај се ветросаа? Кај се Егејците? Кај се витосаа? Ој, Македонијо, распослана.“
Кулминацијата дојде со стихот што и денес звучи како прашање упатено до секоја генерација:
„Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме!“
Во изведба на Џамбазов, Орхидеја Дукова и Сашко Костов, македонската песна и поезија не беа само потсетување на минатото. Тие станаа жива слика за земјата, народот, поделбите, опстојувањето и правото да се биде свој на своето – најемотивниот момент од вечерта посветена на 35 години независна Македонија.