Нови експлозии и пожари го потресоа градот Рјазан во Русија откако украински дронови во текот на ноќта го погодија најголемото нафтено постројка на „Роснефт“, објави Kyiv Post. Според руските власти, ова е трет напад на истата рафинерија во последните три месеци.
Гувернерот на Рјазанската област, Павел Малков, потврди дека падот на остатоците од дроновите предизвикал пожар во еден од објектите на индустриската зона, но дека нема човечки жртви.
„Пожарот е под контрола, а штетата сè уште се проценува“, соопшти тој преку Телеграм, додавајќи дека руската противвоздушна одбрана уништила најмалку 14 украински дронови над регионот.
Рускиот медиум Астра извести дека мета на нападот била токму рафинеријата на „Роснефт“ во Рјазан, објект со годишен капацитет од 13,8 милиони тони сурова нафта, кој го снабдува московскиот регион и дел од централна Русија. Веднаш по експлозиите, безбедносните сили го блокирале пристапот до локацијата.
Според локални извори, пожарот избувнал во близина на постројката за крекирање и хидрообработка, а постои можност еден од главните производни делови да е „целосно уништен“. Украинската страна засега не го коментира нападот.
Од август наваму, Украина значително ги засили нападите со дронови врз руската енергетска инфраструктура. Според Reuters, по претходните удари во август и септември, дел од производствените единици во рафинеријата биле затворени, што довело до намалување на домашното производство на гориво.
Руското Министерство за одбрана тврди дека ноќеска биле пресретнати вкупно 139 украински дронови – 22 над Белгород, 21 над Вороњеж и 13 над Ростовската област.
Освен Рјазан, во последните 48 часа дронови погодија фабрика за експлозив во Мордовија и нафтно постројка во Дагестан. Мордовија, која се наоѓа 700 километри од украинската граница, е меѓу најоддалечените руски региони погодени досега, а нападот таму бил опишан како „масовен“.
Според проценките на Bloomberg, Украина оштетила речиси една третина од руските рафинериски капацитети со вакви удари. Последиците се веќе видливи – недостиг на гориво во 57 региони, привремена забрана за извоз на бензин и дизел, и нагло зголемување на цените на горивата.
Росстат забележал раст на цените на горивото од 2,58% во септември, што е највисок месечен скок од 2018 година, а годишниот раст достигнал 12,7% – највисоко ниво во последните 14 години.
Во меѓувреме, западните извори тврдат дека САД, под администрацијата на Доналд Трамп, споделиле разузнавачки информации со Киев за да помогнат во прецизното таргетирање на руските енергетски постројки – во обид Москва да биде принудена на преговори за прекин на огнот.