Во последната емитувана епизода на Нешто конкретно се отвори прашање што со години тлее под површината, но ретко се поставува јавно и директно: како денес се брани Македонија и кој, всушност, ја брани. Во време кога патриотизмот сè помалку се докажува со зборови, а сè повеќе со лични избори, емисијата понуди сурово искрени сведоштва од луѓе кои одбиле полесен пат за да останат верни на своето.
Пејачот Влатко Миладиновски, чиј глас со децении буди силни емоции кај Македонците дома и во дијаспората, беше јасен и недвосмислен. Тој порача дека пее исклучиво на македонски јазик и дека не чувствува потреба тоа да го правда. Потсети дека на почетоците, тој и неговиот брат биле исмевани од колеги кои им предвидувале неуспех поради репертоарот „само на македонски“, но времето, според него, покажало дека токму тој избор бил исправен. Во обраќање до водителката, Миладиновски направи паралела, нагласувајќи дека исто толку апсурдно е некој да биде прашан зошто води емисија на македонски јазик. Тој ја отвори и болната тема за односот кон македонската музика, посочувајќи дека додека ние често ја потценуваме, други од регионот знаат многу добро да профитираат од неа.
Во контекст на дијаспората, Миладиновски, како чест гостин меѓу иселениците, оцени дека суштината не е само во заминувањето, туку во воспитувањето и вредностите што се пренесуваат на следните генерации. Според него, неопходно е државата да најде начин подобро и посистемски да ја искористи дијаспората, бидејќи таму, како што рече, има искрени и вистински Македонци.
Личен и силен придонес во дебатата даде и Давид Темелков, пејач кој моментално е на привремена работа во Хрватска. Тој откри дека му била понудена можност да настапи за хрватската Евровизија, понуда која за многумина би значела пресврт во кариерата. Темелков ја одбил, со образложение дека Македонија го изградила и дека сè што чувствува кон неа го преточил во својата музика. За него, патриотизмот не е настап под туѓо знаме, туку свесна и тешка одлука да останеш свој, дури и кога сите околу тебе ти завидуваат на талентот и успехот.
Од друга страна, во емисијата се вклучи и Игор Стефановски – Иџе, трикратен европски шампион во ридско-планински трки. Тој откри дека и нему му било понудено да настапува под знамиња на други држави, но дека тоа го одбил. Иако без задршка призна дека секоја година се соочува со сериозни проблеми во обезбедувањето буџет за натпреварување и дека во земјава има, како што рече, „многу продадени души“, неговиот пример, сепак, сведочи дека Македонија може да победува и надвор од своите граници ако има луѓе што чесно и упорно ја претставуваат.
Особено силен впечаток остави и настапот на Тијана Илова, 20-годишна тапанџика, која без патетика ја изговори можеби најтешката вистина на вечерта. Таа предупреди дека ако младите не ја чуваат традицијата, таа ќе исчезне, потенцирајќи дека не станува збор за носталгија, туку за одговорност и страв дека, доколку оваа генерација се откаже, нема кој да продолжи по неа.
Епизодата на „Нешто конкретно“ ја отвори и суштинската дилема што останува да виси во јавниот простор: дали дијаспората навистина може да ја спаси Македонија или од неа очекуваме премногу, додека дома пребрзо се откажуваме од сопствените вредности, јазик и идентитет. Прашање без едноставен одговор, но со јасна порака дека одбраната на Македонија денес почнува од личниот избор да не се откажеш од себе.