Симеон Михаилов, таткото на Ива Михаилова и лице по кое има меѓународна потерница од Македонија, во видеообраќање до јавноста ги отфрла наводите дека неговата осуда е резултат на сторено кривично дело и тврди дека против него во минатото бил воден политички мотивиран процес.
Михаилов најпрво им се заблагодари на граѓаните за, како што вели, поддршката што ја добива неговата ќерка Ива, која е обвинета во судскиот процес за сообраќајната несреќа во Кочани.
Тој тврди дека вниманието кон него било намерно пренасочено во момент кога, според неговото тврдење, обвинителството немало повеќе аргументи во постапката против неговата ќерка.
Михаилов во видеото го обвини обвинителот Игор Чокревски дека наместо да се фокусира на медицинската состојба, вештачењата, доказите и сведоците во предметот против Ива, вниманието го насочил кон нејзиниот татко. Тој тврди и дека потоа, со учество на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, за него биле објавувани текстови во македонските медиуми и на социјалните мрежи.
Михаилов се осврна и на информациите дека во Македонија има правосилна затворска казна од 12 години.
Тој тврди дека за време на владеењето на Никола Груевски имал успешен бизнис со неколку казина, но дека бил обвинет за перење пари со цел да му биде одземен бизнисот. Според неговите зборови, по четири години поминати во притвор бил ослободен бидејќи обвинителството не пронашло докази за тоа дело.
Потоа, како што тврди Михаилов, бил обвинет дека заедно со група луѓе, кои вели дека не ги познава, поставил бомба под автомобил. Тој тврди дека за ова дело бил осуден на 12 години затвор во негово отсуство и без докази.
Михаилов дополнително тврди дека неговите казина биле одземени и подоцна продадени на лица блиски до тогашната власт, а за целата постапка го обвинува поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Тој тврди и дека по промената на власта, обвинителите и судиите кои учествувале во постапките против него биле предмет на истраги и судски постапки.
Сите овие наводи се лични тврдења на Михаилов, изнесени во неговото видеообраќање, и не се независно потврдени.
На крајот од видеото тој ѝ се заблагодари на Бугарија, која ја нарекува своја татковина, како и на сите што, според него, ја поддржуваат неговата ќерка.