Попладнево охриѓани и гостите кои се затекнаа на градскиот плоштад имаа непријатна случка. Имено, група кучиња нападнаа куче - домашен миленик кој со својот сопственик поминуваше по плоштадот. Момчето кое го водеше кучето среќа успеа да го задржи својот миленик со ремчето, а со тоа се избегна поголем инцидент.
Инаку гостите кои ги имаше во голем број попладнево во Охрид овој инцидент го фотографираа и снимаа, но и уплашено се потргнуваа, дури и оние кои седеа во кафулињата се повлекоа во внатрешноста на објектите.
Лоша слика за туристички Охрид.
Денешниот инцидент не наведува по којзнае кој пат да го отвориме прашањето за згружувањето на кучињата скитници. Општина Охрид неодамна се пофали дека го изгради долгоочекуваниот стационар за кучиња скитници, и дека се набавени се две возила за транспорт на животните, вработен е и шинтер во ЈП „Охридски комуналец“.
Стационарот е со капацитет за третман на 30 кучиња дневно.
Но, и покрај овој стационар, на плоштадот сеуште има голем број на кучиња скитници кои често знаат да ги вознемират шетачите. Последниот инцидент на ова место беше пред два месеци кога куче касна малолетно девојче на плоштадот во Охрид.
Видеото ни го испрати редовен читател на Скопје1.мк