Видео пристигна до редакцијата на „Плусинфо“ каде може да се слушне разговор на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски со инспекторка од Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што тој ја прашува инспекторката зошто им кажала на работниците да престанат со работа, а таа негира дека го направила тоа.
„Секторот за внатрешни работи Куманово веќе трет ден по ред врши притисок врз работата на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски со стопирање на градежни работи кои се одамна започнати и кои се влезени во годишната програма, брифираат од општината“, пишува Плусинфо.
Градоначалникот Димитриевски во видеото ѝ вели на инспекторката дека не е овластена да бара документација на работниците.
– Дали знаете чија надлежност е кога се извршуваат градежни работи, кој врши увид во градежни работи? Вие немате право од изведувач да барате техничка и друга документација. Тоа е исклучиво под надлежност на градежна инспекција. Ова го правите вие од МВР континуирано, на секоја градежна активност. МВР нема право да ги спречува градежните активности на Општина Куманово, што се утврдени со годишен план за работа – ѝ вели Димитриевски на инспекторката.