Советничката на Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска, на седницата за ребалансот на градскиот буџет го обвини градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека не го реализирал ветувањето дадено во јуни за обезбедување средства за субвенционирање на кирии за жртвите на семејно насилство.
Станкоска потсети дека Ѓорѓиевски тогаш ја поддржал иницијативата на Левица и најавил дека во наредниот ребаланс ќе бидат предвидени средства за нејзина реализација, откако претходно ќе се формираат работна група и комисија.
Иницијативата била изгласана од мнозинството во Советот на Град Скопје, но, според Станкоска, два месеци подоцна во актуелниот ребаланс нема средства за оваа мерка, а не е започнат ниту процесот за нејзина реализација.
„Нема ни работно тело, ништо – апсолутно ништо не се случува. Ова не само што беше ветено вербално, туку има и видеозапис и стои и во самиот записник на седницата“, рече Станкоска.
Таа ги прозва и советниците од ДПМНЕ кои гласале за иницијативата, прашувајќи дали се чувствуваат „изиграни“ и „издадени“ бидејќи, како што рече, градоначалникот не постапува ниту по сопственото ветување, ниту по одлуката на Советот.
Станкоска го критикуваше и отсуството на Ѓорѓиевски од седницата, наведувајќи дека тој не присуствувал за да објасни зошто мерката не е внесена во ребалансот.
Во рамки на расправата таа повторно го отвори и прашањето за имотот на Град Скопје. Според неа, веќе четири до пет месеци чека да ѝ биде доставен завршениот попис на имотот на Градот за 2025 година.
Станкоска смета дека податоците за имотот се важни за да се утврди со какви ресурси располага Град Скопје и дали може да обезбеди поголема станбена и институционална поддршка за жртвите на семејно насилство.
Таа потсети и на претходното обезбедување стан од 30 квадратни метри за жртви на семејно насилство, оценувајќи дека Градот располага со поголема имотна база и може да преземе дополнителни мерки.
Од кабинетот на градоначалникот, според Станкоска, сè уште нема одговор зошто не е формирана најавената работна група, зошто нема средства за субвенционирање кирии во актуелниот ребаланс и дали мерката ќе биде предвидена во некој од наредните ребаланси.
Од Левица најавуваат дека ќе продолжат да предлагаат мерки за поддршка на жртвите на семејно насилство, со став дека помошта треба да обезбеди конкретна заштита, економска сигурност и можност жртвите да го напуштат насилниот дом.