Компанијата „СпејсЕкс“ за првпат ја однесе ракетата „Старшип“ до орбитата и успешно распореди 26 нови сателити „Старлинк“, но мисијата беше прекината порано од планираното поради безбедносни причини.
Планирано беше летот да трае околу 10 часа, при што „Старшип“ требаше да направи шест целосни круга околу Земјата. Мисијата требаше да покаже дека леталото е подготвено за програмата „Артемис“ на НАСА за истражување на Месечината. Сепак, летот заврши по околу три часа.
Во текот на мисијата еден од моторите се исклучил порано од предвиденото, поради што „Старшип“ за малку не ќе стигнел до орбитата. Контролорите на летот, по неколку напнати минути, одлучиле да продолжат според планот бидејќи останатите системи функционирале нормално, а неисправниот мотор повеќе не бил неопходен.
На крајот, при спуштањето во морето, „Старшип“ се превртел и се запалил, со што мисијата била завршена.
Ракетата на Илон Маск, опишана како најголемата и најмоќната ракета досега изградена, во орбитата носела 26 од најновите сателити „Старлинк“. Тие треба да се приклучат на околу 11.000 сателити од постарите модели кои веќе обезбедуваат интернет-услуги.
Сателитите еден по еден биле ослободувани од леталото, а нивното успешно распоредување било проследено со овации од тимот на „СпејсЕкс“ и публиката која го следела лансирањето од полигонот „Старбејз“ во Тексас.
Администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман, ѝ честиташе на „СпејсЕкс“ за достигнувањето на орбитата, оценувајќи дека чекорите во мисијата биле спроведени безбедно и одговорно.