Горниот степен од ракетата Falcon 9 на компанијата SpaceX, лансирана во јануари 2025 година, би можел на 5 август да удри во Месечината, предупредуваат астрономот Бил Греј и американската вселенска агенција НАСА.
Станува збор за дел од ракетата кој по завршувањето на мисијата останал во вселената и не било предвидено да се судри со Месечината. При лансирањето, ракетата транспортирала две летала наменети за слетување на површината на природниот Земјин сателит.
Според проценките, горниот степен на Falcon 9 тежи околу четири тони и се движи со брзина поголема од два километри во секунда.
Научниците сè уште анализираат дали евентуалниот удар ќе може да се забележи од Земјата. Постојат проценки дека објектот би можел да удри во работ на видливата страна на Месечината, при што облакот од прашина би можел накратко да биде осветлен од Сонцето. Сепак, од НАСА сметаат дека шансите тоа да биде видливо се многу мали.
„Мислам дека ќе биде многу тешко, ако не и невозможно, да се види“, изјави Вилијам Кук од НАСА.
Можниот судир првпат бил пресметан уште во септември минатата година од астрономот Бил Греј, автор на софтвер за следење на објекти во близина на Земјата. Според неговите анализи, настанот не претставува никаква опасност за Земјата.
Експертите предупредуваат дека со зголемувањето на количината вселенски отпад, ваквите ненамерни судири би можеле да станат почести. Пред четири години, сондата Lunar Reconnaissance Orbiter регистрира сличен удар на вселенски отпад во Месечината.
Компанијата SpaceX засега не се огласи во врска со најавениот можен судир.