Училиштето „Денче Дејаноски“ во Маврови Анови, основано во далечната 1957 година, годинава го пречека 1 септември со четири нови првачиња – две девојчиња и две момчиња. Овој мал, но значаен момент е надеж за селото кое во последните години се соочуваше со пад на бројот на ученици.
Пред неколку години, училишното ѕвонче ѕвонеше само за едно дете – малечкиот Матеј. Тогаш првиот училишен час стана симболичен настан, на кој присуствуваа неговата мајка, учителката, но и актерот Игор Џамбазов. Денес Матеј е преселен во Струга и таму продолжува со школувањето.
Во ова училиште сега учат вкупно 28 ученици, распоредени од прво до деветто одделение. За локалната заедница, новите првачиња се знак на надеж дека образованието и детската радост ќе продолжат да живеат и во ова мало планинско место.