Голем новогодишен кип „Орашар“, висок речиси два и пол метра, е украден од влезот на коктел-бар во Единбург, а надзорните камери ја забележале необичната и несмасна кражба, пренесува Sky News. Настанот се случил пред четири дена, околу 22 часот, кога засега непознато лице на електричен велосипед го подигнало огромниот дрвен војник и го однело по улицата Џорџ Стрит кон плоштадот Сен Ендру.
Паул Пакстон, раководител на барот Copper Blossom, кражбата ја опиша како „катастрофална“ и вистинска божиќна ноќна мора. Освен што барот останал без препознатливиот празничен украс, причинета е и материјална штета – еден стол вреден неколку стотици фунти е скршен за време на одземањето на кипот.
На снимките се гледа како крадецот се мачи да го подигне и натовари големиот дрвен војник на велосипедот, при што Орашарот во еден момент паѓа на тротоарот. И покрај тоа, ниту еден од повеќе од десетината минувачи не реагирал.
„Како никој не забележа? Само да влегле да ни јават, ќе можевме да спречиме“, коментира Пакстон, додавајќи дека иако не би сакал некој да се изложи на опасност, очекувал барем предупредување.
Барот првин упатил јавна порака до крадецот дека може да го врати кипот без последици, но Пакстон вели дека не очекува Нолан да се појави назад. Во меѓувреме, до барот стигнале повеќе дојави дека големиот Орашар бил виден на различни локации низ Единбург.
Пакстон потврди дека ќе разговара со полицијата за понатамошната истрага, со надеж дека необичниот, но скап украс ќе биде пронајден.