Градчето Мерано во Италија е познато пред сè по својата велнес понуда, која произлегува од неговата планинска природа и положба, но тоа е многу повеќе од тоа. Тука може да се најде сè што му е потребно на човек за квалитетен живот – барем на неколку дена, доколку го посетите.
Описот на Мерано може да започне вака: тоа е место на одлична храна, уште подобри вина, идилична природа и свеж алпски воздух што ги буди сите сетила. Накратко, сè најдобро што ви треба во животот се наоѓа на северот на Италија, далеку од гужвите и големите градови.
Овде животот тече поинаку и важат други правила. Мерано се наоѓа во регионот Јужен Тирол, во покраината Трентино–Јужен Тирол, а во него живеат и Италијанци и Германци, па затоа сè функционира на двата јазика.
Градот најдобро се запознава пеш. Тоа може да го направите преку прошетката Tappeiner, една од бројните патеки во Мерано која нуди одличен поглед кон градот и долината d’Adige. Оваа променада ве води од центарот кон падините на Monte di Merano.
Во зависност од годишното време, околината се менува и го обликува вашето доживување – од мирисите на борови и маслинки, преку егзотични ноти на еукалиптус и бамбус, до раскошни магнолии, агави и алое кои му даваат посебен карактер на просторот. Тоа укажува на уникатна комбинација на алпска и медитеранска вегетација.
Мерано се наоѓа во долина опкружена со планини, што го прави идеално место за различни активности. Ова е одлична велосипедска дестинација за љубителите на спортот, благодарение на патеките и неверојатната природа. Регионот може да се истражува и пеш, уживајќи во пределите Val d’Ultimo, Val Passiria, Val Venosta и Val Senales.
Целото подрачје е познато по врвните вина, а лозјата се протегаат речиси до самиот центар на градот. Винарската традиција во Мерано е исклучително долга и значајна.
Локалното население препорачува да ги пробате вината како Силванец или Ризлинг, додека квалитетот и традицијата се потврдуваат и преку Merano Wine Festival – еден од најпознатите и најпрестижни вински фестивали во Европа.
Мерано сепак е најпознат по велнес понудата. Во самиот центар се наоѓаат дури 52.000 квадратни метри термални уживања, со 25 надворешни и внатрешни базени, разновидни сауни и фитнес центар. Термите нудат целосна релаксација по ден исполнет со активности и истражување.
Доколку одлучите да го посетите овој планински рај, нема да зажалите – ќе се одморите како никогаш досега. За крај, вреди да се спомене дека и познатиот писател Франц Кафка го опишал Мерано како едно од најубавите места што некогаш ги видел.