Со измени во Законот за прекршоци, казните за физичките лица и за стопанствениците по различни основи се намалуваат повеќе од двојно, или пак процентуално глобите ќе се намалат и за 75 отсто. Измените предвидуваат градација на сторените дела, ќе се земат предвид и сите останти фактори што придонеле за прекршокот, па така ќе постои и можност за примена на мерка на предупредување, потоа воочување на одговорност а казните повеќе нема да будат драконски туку во сооднос со стандардот на граѓаните. Ова го соопштија на денешната прес конференција во Владата премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Десковска.
„По долга евалуација и консултативен период, заклучивме дека се водела драконска казнена политика и направивме измени на овој Закон. Со оваа мерка всушност сакаме да направиме превенција на прекршоците и да им укажеме на граѓаните дека казните се коректор а не немилосрдно собирање на пари. Ќе се направи и градација на казните во зависност дали се однесуваат на мали, средни или големи фирми, нивната заработувачка, бројност на вработени итн. Ако се увиди ненамерна грешка, инспекторите ќе можат да ги повлечат казните, што досега не беше така, односно дури и ако се утвдела ненамерна грешка, казната морала да се плати бидејќи била констатирана. Сето ова е во насока на тоа да укажеме дека Законот за прекршоци има корективна улога а не треба да влева страв.“, изјави Дескоска.
За физичките лица казните ќе бидат од 15 до 1000 евра, а за максималната казна за трговец-поединец од 5000 евра се намалува на 2000 евра. Според овие измени, од досегашната казна за нерегистрирано возило што изнесуваше 500 евра, таа се намалува на 250 евра.
Сите овие измени се направени во корист на граѓаните и на стопанствениците за да се чувствуваат правично, а не да ја доживуваат државата како нивен противник, потенцираше премиерот.
„Се разбира дека казнената политика ќе се применува поригорозно таму каде што се прават прекршоци што се однесуваат за заштита на здравјето, прородни богатства, екологијата или други суштински приоритети, односно целта е да се одвои тоа што е важно од тоа помалку важно и да не биде сето ставено во ист кош, а се со цел за правичен систем во интерес на граѓаните. Казните нема да бидат драконска мерка за полнење на буџетот. “, потенцираше Заев.
“Казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку казнената политика ќе биде насочена кон опомена на оние коишто згрешиле“, истакна министерката Дескоска.
Овој закон ќе ги одреди рамките на казнената политика – висината на глобите за физичките и правните лица. Она што е особено значајно е тоа дека сега акцентот ќе се стави на опомената наспроти казнувањето, нешто што беше пракса во минатото.
Министерката Дескоска посочи дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да го надминат утврдениот минимум и максимум, а како примери на намалување на висините на глобите за физичките лица, министерката Дескоска ги наведе следните: доколку казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра.
Високите казни остануваат за прекршоци кои предизвикуваат општествена опасност како и оние кои што се против животната средина и уништувањето на културното богатство – истакна министерката Дескоска.
(Изјавите почнуваат од 15 минута)