Во депонијата Вардариште во Скопје се одвиваат интензивни активности за нејзина санација и одгасување, при што на терен се поставува инфраструктура како цевки и шахти, со цел трајно решавање на еден од најдолготрајните еколошки проблеми во главниот град.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски истакна дека процесот се реализира со силна динамика и според предвидениот проект, нагласувајќи дека Вардариште, кое со децении важи за една од најголемите еколошки црни точки, постепено заминува во историјата.
„ Ова е почеток на нова приказна за Скопје. По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик - од депонија ќе прерасне во огромен мега парк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град.
Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации. Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело.
Вардариште заминува во минатото“, вели Ѓорѓиевски.