Шпанската влада, во договор со Светската здравствена организација (СЗО), одлучи да овозможи истовар на патниците од бродот на кој е забележана епидемија на хантавирус. Бродот допловил од Островите Зелено’ртски, од каде претходно три лица биле евакуирани поради болеста.
Во меѓувреме, на Тенерифе се чувствува сè поголема загриженост. Работниците на пристаништето во Санта Круз во петок излегоа пред парламентот на Канарските острови за да го изразат стравот дека доаѓањето на заразениот крузер може да претставува здравствен ризик. Со свирчиња, вувузели и транспаренти, испратија јасна порака до властите дека бараат повеќе информации и безбедносни мерки.
„Не сме задоволни од идејата да работиме во пристаништето без посебни мерки и информации додека се приближува заразениот брод“, изјави Јоана Батиста од синдикатот на пристанишни работници, додавајќи дека бродот треба да пристигне само со строга контрола и јасни упатства за заштита.
Некои работници дури се заканија со блокада на доаѓањето на крузерот ако нивните барања не бидат исполнети.
Островот веќе долго време е под притисок од различни кризи и миграциски текови, што дополнително ги зголемува тензиите. Додека едни сметаат дека прифаќањето мигранти и кризите е прашање на хуманост и одговорност, други истакнуваат чувство на исцрпеност и недоволна поддршка од централната власт.
Според податоците на организацијата Caminando Fronteras, повеќе од 3.000 луѓе загинале во 2025 година обидувајќи се да стигнат до Канарските острови, што дополнително ја осветлува сложеноста на ситуацијата во регионот.
Централната влада во Мадрид тврди дека се преземени сите мерки за заштита на локалното население. Планот е бродот да не се закотви директно во пристаништето, туку на море, додека патниците ќе бидат префрлени во индустриското пристаниште Гранaдиља, далеку од населени области. Потоа, шпанските државјани ќе бидат ставени во карантин во Мадрид.
Властите нагласуваат дека нема да има контакт меѓу патниците и локалното население и дека безбедноста е целосно загарантирана.
Сепак, дел од жителите и понатаму остануваат загрижени, иако има и такви кои веруваат во институциите.