Движењето „Кој е следен“ за вечерва најави собир на плоштадот во Скопје, по повод шест месеци од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 млади лица. Настанот ќе започне во 20:16 часот.
„Она што се случи не беше несреќа, ниту трагедија, туку масакр – свирепо убиство предизвикано од нефункционалните институции и партискиот систем,“ стои во најавата на организаторите. Тие додаваат дека вторник вечер е време за „тивок собир и ѕвездено небо“, со порака дека болката мора да ја почувствуваат сите заедно.
„Вака веќе не може. Не смееме да отрпнеме. Таа болка треба да нѐ разгневи и да нѐ мотивира за акција. Најважно е да не престанеме да се бориме за вистината, да не останеме неми пред неправдата и секој на свој начин да ја преземе одговорноста,“ се нагласува во повикот.