Во деновите со високи температури, климатизерите се меѓу најголемите потрошувачи на електрична енергија во домаќинствата. Експертите советуваат дека со неколку едноставни навики може да се намали потрошувачката, а притоа просторот да остане пријатно разладен.
Според сервисерите за климатизација, климата е најдобро да биде поставена на температура од 25 до 26 степени. Додека престојувате во просторијата, може да работи континуирано, но кога подолго време нема никој дома, препорачливо е да се исклучи.
Особено е важно редовно да се чистат филтрите, бидејќи нечистите филтри ја намалуваат ефикасноста на уредот и ја зголемуваат потрошувачката на струја.
Експертите предупредуваат и дека климата не треба да работи со отворени прозорци или врати, бидејќи така уредот постојано работи со полн капацитет без да може ефикасно да го разлади просторот.
За дополнителна заштеда се препорачува користење ролетни и тенди за да се намали навлегувањето на топлина, како и поретко користење на рерната и шпоретот во најтоплиот дел од денот. Исто така, бојлерот може да се намести на пониска температура, бидејќи во лето нема потреба од многу топла вода.
Со овие мерки не само што се намалуваат сметките за електрична енергија, туку се избегнува и големата температурна разлика помеѓу надворешниот и внатрешниот простор, што е подобро и за здравјето.