Вкупно 17 обвинети за упадот во Собранието на 27 април кои се гонат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се прогласени за винови во Кривичниот суд, каде судија беше Добрила Кацарска.
Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како тогашна златна команда за протестите пред Собранието и за време на нападот, осуден е на 18 години затвор. Митко Пешов од МВР доби 15 години затвор. Душко Лазаров од МВР осуден е на 15 години. Горан Ѓошевски Леви, тогашен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски е осуден на 15-годишна затворска казна. Оливер Поповски од МВР на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10-годишна затворска казна. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање доби 15 години, а Абдуљфета Алими доби 7 години затвор. Игор Дурловски, еден од водачите на протестите За заедничка Македонија, доби ослободителна пресуда. Од напаѓачите со фантомки, Младен Додевски доби 12 години. Јане Ченто доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години. Игор Југ кој носел оружје и кој според сведоците и според некои кообвинети, требало да го убие Зоран Заев, осуден е на 12 години затвор. Влатко Трајковски доби 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски Нинџа 8 години.
Дел од обвинетите се жалеле дека биле изманипулирани, дел велеле дека станувало збор за патриотизам. Кацарска рече дека не е патриотизам тепање на новинари и пратеници, како и разни чинови на насилство. Кацарска додаде дека ова ќе остане еден од црните денови на државата. Кацарска рече дека го разбира револтот поради селективната амнестија, но тоа е одлука на Собранието.
За сите обвинети е побарано да бидат во притвор до правосилноста на пресудата, поради опасност од бегство.