Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, стратешки документ што ја поставува државата на патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и усогласување со европските политики.
Планот, подготвен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Документот содржи вкупно 61 мерка, распределени во неколку области: 26 за декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност, 3 за енергетска безбедност, 11 за внатрешен пазар на енергија и 1 за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот на планот е намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на учеството на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност.
Во следниот период се предвидуваат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура, како и постепено напуштање на јагленот.
Планот предвидува и зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и интеграција на пазарот на електрична енергија.
Документот е изработен низ широк и транспарентен процес со учество на институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери, а во него се вградени препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница и европските политики.
Спроведена е и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги опфаќа ефектите врз воздухот, водата, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните.
Со имплементацијата на планот се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција.