Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор пред почетокот на новата учебна година, со цел да се намалат трошоците за семејствата.
Како што соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, трговците на големо ќе треба да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто, додека кај трговците на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти.
Мерката ќе важи од денот на објавувањето во „Службен весник“ до 30 септември 2026 година.
Со одлуката се опфатени голем број производи потребни за почетокот на учебната година, меѓу кои ранци и чанти, тетратки, блокови, моливи и пенкала, боици, пластелин, фломастери, маркери, бои и четки, линијари, острилки, гуми за бришење, ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, папки, картонски чанти и други материјали за училишните потреби.
За да се обезбеди транспарентност, трговците ќе бидат обврзани покрај намалената цена да ја прикажат и цената што важела на 1 јуни 2026 година. Таа цена ќе служи како основа за пресметување на намалувањето.
Од Владата велат дека со мерката се очекува да се намали финансискиот товар за родителите во период кога семејствата имаат дополнителни трошоци за подготовка на децата за учебната година.