Демократски Сојуз имаше можност да покаже на дело дека се за декриминализација на власта, но одбра да биде соучесник во криминалот. Тоа говори за нивните принципи и избор да бидат не само заштита на криминалот на СДСМ и ДУИ, туку и да учествуваат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Борче Јакимовски член на претседателството на ДС на Павле Трајанов и доскорешен директор на ЈП Градски Паркинг дозволил да се претвори претпријатието во партиски штаб од каде биле обезбедувани привилегии и бенефити за луѓе блиски до власта.
Во исто време кога граѓаните плаќале паркинг, некои одбрани лица од власта кај што партиципира Демократскиот Сојуз и нивни членови на семејствата имале можност 24/7 да паркираат бесплатно на паркинзите на ЈП Градски паркинг.
Бидејќи Демократскиот Сојуз избра да штити и да молчи пред очигледни злоупотреби, ваквите листи ќе бидат објавени пред јавноста.
Тогаш јавноста ќе види дали и зошто од плаќање на паркинг биле ослободувани возилата на шефот на кабинет на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, поранешниот директор на водовод Душко Вескоски, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, па и поранешниот градоначалник на Аеродром Златко Марин, како и други функционери од СДСМ. Дали и зошто е ослободен од плаќање и Агим, зад чиешто име стои името на Артан Груби“, се вели во соопштението.