ВМРО и ДУИ не се само партнери, тие се повеќедецениски соработници кои меѓусебно се поддржуваат во сите валкани работи, само за да ја зачуваат моќта и да го поделат пленот, вели СДСМ
„Ова се стари правила на „тендер коалиција“, ништо ново.
Нивните договори траат уште од времето на Груевски.
Денес ВМРО, под водство на Христијан Мицкоски, ги применува истите тие правила на својот учител Груевски.
Ништо не се променило, само цените се зголемиле, тендерите се намножиле а апетитите пораснале.
Сè стана јасно по нивните состаноци околу укинувањето на техничката влада, каде јавно порачаа дека имаат договор за клучни прашања „за државата“ а „државата“ тоа се тие!
Ахмети отворено призна дека преговорите за влегување на ДУИ во владата траат веќе една година, додека Мицкоски најавува тет-а-тет состаноци со Ахмети, за да се договорат сè лице в лице.
Но, што е тука всушност во прашање? Класичен „јас на тебе – ти на мене“ принцип, каде законите и министерствата се разменуваат како на пазар.
Овој пат темата беше: Законот за прекршци односно „Safe City“.
ДУИ да го поддржи Законот а за возврат ДУИ да добие некаков буџет за организирање тендери.
Ако ДУИ го добие својот дел од колачот, тие ќе гласаат за законот. Ако не, ќе го блокираат.
И токму тоа се случи: Мицкоски не го даде она што го бараа, па ДУИ не гласаше.
Проектот „Safe city“, кој започна во времето на СДСМ со идеја за безбедност во сообраќајот, како што првично беше замислен, е претворен во алатка за следење на граѓаните!
Со ова планираат и апликација која граѓаните ќе ја инсталираат во своите телефони со сите свои лични податоци.
Токму поради овој спорен дел од законот, во рацете на ВМРО се предадени 65.000 камери за снимање а наскоро и податоците на корисниците и нивната контрола, преку новата апликација.
На сите им е познато уште од времето на Груевски како се користеле тие системи и како се злоупотребувале.
Наместо за безбедност во сообраќајот, ВМРО сега има можност за следење и контрола на сите граѓани на Македонија.
Поради ова СДСМ не го поддржа законот, бидејќи во Законот не е вметнат најважниот дел а тоа е контролата на оваа безбедносна алатка, нејзините собрани податоци и спречување од злоупореби.
Мицкоски сега може непречено да ги злоупотребува тие камери за да го надгледува секој што му пречи.
На крајот, законот помина и без ДУИ, бидејќи ВМРО има други сојузници за тендерски работи а Мицкоски вели дека ќе се состане со ДУИ „некогаш“, што значи до следното гласање, кога повторно ќе преговараат за нови отстапки.
Ова не е влада за народот, туку машина за корупција, каде едната рака ја мие другата, а граѓаните ја плаќаат сметката.
СДСМ ќе продолжи со борбата за европска Македонија и да ја врати власта во рацете на нејзините граѓани“, се вели во соопштението.