Општина Аеродром апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните закони и правила и да не паркираат на места што не се наменети за тоа, како што се плочници, тревници и други јавни површини.
„Со ваквото несовесно однесување првенствено се загрозува движењето на пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот. Исто така, се нанесува материјална штета на јавните површини, а се уништува и зеленилото и се прави штета врз животната средина.
Иако Општината ги зголеми инспекциските контроли на терен, сепак, нашите служби немаат ингеренции да казнуваат, туку само да изрекуваат опомени.
Во таа насока би сакале да ве информираме дека Општина Аеродром поднесе барање до Министерството за внатрешни работи да обезбеди зачестени контроли од страна на полицијата со цел да се превенира ваквото однесување, а во крајна линија и да се казнуваат несовесните возачи кои своите автомобили ги паркираат на несоодветни места.
Безбедноста на граѓаните, чистотата на јавните простори и грижата за зелените површини остануваат наш врвен приоритет“, се вели во соопштението.