Серија проблеми ја притискаат метрополата – натрупани долгови во јавните претпријатија, нефункционална механизација, загаден воздух и диви депонии кои со години го гушат градот. Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави решителни чекори за воспоставување ред и дисциплина во сите сектори под ингеренција на Град Скопје.
По 72-часовната акција за чистење, тој изјави дека веќе се изречени над 40 казни и најави дека санкциите ќе продолжат „сè додека не се искоренат девијантните појави“.
Ѓорѓиевски во гостување на ТВ Сител, откри дека при увид во ЈП „Комунална хигиена“ биле затекнати само 16 исправни камиони, бидејќи претпријатието имало долгови за сервисирање. Со интервенција на сервисерите, бројот на оперативни возила се зголемил на 40, а во наредните денови се очекува да достигне 60. Во координација со премиерот се разговара и за набавка на нова механизација.
Градоначалникот најави дека по зимата ќе стартуваат градежните активности, додека во меѓувреме фокусот ќе биде насочен кон средување паркови и чистење на депониите. Вардариште е во процес на расчистување и одгаснување, а иден третман ќе добијат и жариштата во Визбегово, Шуто Оризари и покрај Лепенец.
Во соработка со општествено одговорни компании ќе бидат поставени заштитни мрежи по должината на Вардар, а Ѓорѓиевски очекува и централните институции да се вклучат во инспекциски надзор, бидејќи, како што рече, „не е доволно само Градот да санкционира“.
Што се однесува до јавниот превоз, тој најави дека во март треба да пристигнат 80 нови еколошки автобуси за Скопје и уште 70 за другите градови. Во меѓувреме, ЈСП располага со само 160 возила од потребните 270, додека долгот кон приватните превозници изнесува околу 3 милиони евра.
Во петок ќе се одржи седница на Советот на Град Скопје за буџетот. Ѓорѓиевски очекува поддршка за реализација на планираните проекти и порача дека советниците треба да соработуваат, „зашто граѓаните очекуваат резултати, а не препукувања“.