Новинарката Мери Јордановска на својот профил објави емотивен статус кој за кратко време привлече големо внимание на социјалните мрежи. Иако текстот започнува со приказна за изгубеното маче Тајсон, всушност претставува длабока лична и општествена рефлексија за современото отуѓување, брзото темпо на живот и загубата на емпатијата.
Јордановска раскажува дека речиси 24 часа не забележала дека нејзиното маче, „слепиот дебел господин Тајсон“, исчезнало од станот. Подоцна дознала дека комшија, чиј идентитет не го знае и покрај тоа што живеат во иста зграда 16 години, го пронашол исплашен и го спасил.
„24 часа не сме забележале дека живо суштество, од крв и од месо, го нема во станот. Отсутно сме влегувале и излегувале, не приметувајќи дека дебелиот господин кој секогаш е прв на врата, го нема. Оти само физички сум била во својот дом, а со мислите некаде далеку“, напиша Јордановска, опишувајќи ја својата апатија и умор од секојдневните грижи и притисоци.
Таа признава дека мислите ѝ биле „во расипаната кола, во крпењето до крајот на месецот, во иднината, во стравовите, во социјалните мрежи, во разочараноста од себе и во локалните избори што патем нема да ѝ сменат ништо во животот“.
Во текстот, Јордановска ја користи приказната за Тајсон како метафора за духовното и емоционалното губење на луѓето во ерата на постојана брзина и материјална трка.
„Ова не е статус за изгубено маче. Ова е порака, од Тајсон. За тоа колку станавме отуѓени, пред сѐ од себе, а потоа од блиските... И за тоа како џвака ова проклето капиталистичко секојдневие што понекогаш знае да парализира до степен на целосно отсуство од фокусот на сегашноста“, напиша таа.
Статусот завршува со едноставна, но моќна порака:
„Во случај ако сте заборавиле во сето утринско брзање – гушнете си ги блиските денес.“