Volkswagen започнува повлекување на 208.724 возила од пазарот во САД поради можен дефект на дел од системот за управување, соопшти американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA).
Со повлекувањето се опфатени одредени примероци на Volkswagen Tiguan произведени во 2018 година, Volkswagen Atlas од 2018 и 2019 година, како и Audi Q3 произведени од 2019 до 2021 година.
Проблемот се однесува на завртка што ја прицврстува летвата за управување за подрамката на возилото. Според податоците наведени во известувањето, изложеноста на влага и хемикалии што се користат за одржување на патиштата во зимски услови може да предизвика засилена корозија на завртката.
Со текот на времето, завртката може да пукне, што може да предизвика оштетување на куќиштето на летвата за управување и да го зголеми ризикот од губење на контролата врз возилото.
За отстранување на дефектот, овластените сервиси ќе извршат бесплатна замена на спорната завртка. Сопствениците на возилата опфатени со повлекувањето ќе добијат известување по пошта со дополнителни информации и упатства за закажување термин.
Испраќањето на известувањата е планирано да започне на 10 ноември.