Националната установа „Охридско лето“ вчеравечер организираше осмомартовски концерт во црквата „Света Софија“ во Охрид, на кој настапи младиот виртуоз на класична гитара Дејан Милевски, охриѓанец со меѓународна уметничка кариера.
Во магичниот акустичен амбиент на црквата, Милевски создаде посебна атмосфера со дела од барокната музика и композиции од романтизмот, а вечерта ја заокружи со избор од шпански и латиноамерикански автори, што предизвика силни аплаузи и воодушевување кај присутната публика.
Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека институцијата со задоволство покрај врвните странски уметници ги промовира и македонските.
„Овој концерт е еден од низата што ги организираме во оф-програмата на ‘Охридско лето’, со цел охридската публика да може да ужива во класичната музика и надвор од летните месеци. По успешниот новогодишен концерт, решивме во пресрет на 8 Март, како подарок за сите дами во Охрид, да организираме бесплатен концерт што ќе им ги стопли срцата. На програмата е македонскиот гитарист Дејан Милевски, кој првпат настапува во рамките на ‘Охридско лето’. Особено ми е драго што станува збор за охриѓанец кој живее и работи во Австрија“, изјави Цуцковски.
Милевски има настапувано на бројни концерти во САД, Германија, Италија, Австрија и Македонија и е добитник на повеќе награди на меѓународни фестивали за гитара. Своето знаење го пренесува и како професор по класична гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger“ во Грац, Австрија.
„Во црквата ‘Света Софија’ се враќам по 15 години. Последен пат настапив во 2011 година како ученик во ОМУ ‘Методи Патчев’. За мене е посебна чест што сум дел од одбележувањето на празникот на жената со концерт. Се обидов да го доловам романтизмот, а некои дела, според моите истражувања, премиерно ги изведов во Македонија“, изјави Милевски.
Цуцковски информираше дека официјалната програма за претстојното 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ е веќе затворена и се очекува да биде промовирана во текот на април.