Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети и се заострува казнената политика за прекршителите.
Измените беа донесени по скратена постапка во рамките на 106. седница и се однесуваат на регулирање на учеството на електричните тротинети во сообраќајот.
Со новите законски решенија се редефинира поимот „лесно електрично возило“, при што се земени предвид искуствата од повеќе земји во регионот, како и појавата на нови видови возила на пазарот, меѓу кои се и електричните тротинети.
Една од клучните измени е ограничувањето на максималната дозволена брзина на лесните електрични возила на 20 километри на час, во согласност со препораките на Европската Унија.
Законот предвидува и зголемување на старосната граница за управување со електричен тротинет, па отсега тие ќе можат да ги управуваат само лица кои имаат наполнето најмалку 18 години.
Дополнително, се заоструваат и санкциите за прекршителите. Во одредени случаи, покрај парична казна, ќе биде предвидено и одземање на возилото, особено кога станува збор за малолетен возач, пречекорување на дозволената брзина, превезување друго лице или управување со тротинет под дејство на алкохол.
Со измените се усогласени и прекршочните одредби во Законот, со цел поефикасно спроведување на новите правила во сообраќајот.