Доцнењето на платите ги извади на протест вработените во Македонска пошта
Незадоволството на вработените во Македонска пошта денеска кулминираше со организирани протести низ повеќе градови во државата, поради доцнењето на платата која, и покрај најавите, до 23 јануари сè уште не е исплатена.
Претседателот на синдикатот во Македонска пошта, заедно со вработените, информираше дека протестните активности ќе продолжат сè додека не се изврши исплатата на заостанатите плати, при што не е исклучена ниту можноста за целосен штрајк.
Од синдикатот посочија дека менаџментот бил навремено известен дека, доколку наредната плата не биде исплатена најдоцна до 15 јануари, протестите ќе започнат веднаш, што, како што велат, и се случило.
Вработените алармираат и за тешките услови за работа, наведувајќи дека дел од објектите се без греење и основна работна опрема, а во некои простории е присутен и азбестен материјал, што претставува сериозен ризик по здравјето.
Протестите не се ограничени само на главниот град. Вработени во повеќе градови низ државата денеска излегоа пред објектите на Македонска пошта, испраќајќи идентична порака и барање за итна исплата на платите и подобрување на условите за работа.