Македонската универзитетска карате репрезентација продолжува со одличните настапи на Светската универзијада во Бразилија, каде што и вториот натпреварувачки ден донесе нов медал за нашата селекција.
Младиот каратист на Макпетрол, Вукашин Јовановиќ, во категоријата до (-67 кг), денеска беше брилијантен. Тој обезбеди пласман во големото финале и најмалку сребрен медал, откако во полуфиналната борба оствари импресивна победа над еден од фаворитите во категоријата, натпреварувачот од Иран.
Со овој резултат, Јовановиќ ќе се бори за златниот медал, а воедно го обезбеди и второто одличје за Македонија на шампионатот, по успехот остварен на првиот натпреварувачки ден.
Во групната фаза тој имаше три задолжителни борби и потоа четвртфинале и полуфинале:
Вукашин Јовановиќ – Мартин Густаво, Чиле 7-0
Вукашин Јовановиќ – Вала Хосеин, Иран 5-5
Вукашин Јовановиќ – ЧумВонг Сирапат, Тајланд 3-0
Вукашин Јовановиќ – Цабело Саморан, Шпанија 8-0
Вукашин Јовановиќ – Вала Хосеин, Иран 8-4
Македонските каратисти и денеска покажаа висок квалитет и конкурентност. Дури четворица наши репрезентативци успешно ја поминаа групната фаза од натпреварувањето и се пласираа во четвртфиналето, каде што, за жал, беа запрени во борбите за медал.
Данило Божовиќ (-84 кг) и Љупче Михајлов (-75 кг) оставија многу силен впечаток. Тие имаа по неколку победи, ја поминаа групната фаза, влегоа во вториот круг, но не успеаја да стигнат до полуфиналните борби и да обезбедат медал.
Натпреварите продолжуваат и во наредните денови, а македонската експедиција останува во игра за нови високи пласмани и медали на најголемиот светски универзитетски спортски настан. Утре настапуваат машкиот и женскиот кумите тим.