Комисијата за заразни болести препорача стартот на второто полугодие да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој присуствуваше министерот за здравство, Беким Сали беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со Ковид-19 во земјава.
Поради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата препорача од клиниките кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид-центри и да се отвори дополнителен ковид-оддел во ГОБ „8 Септември”. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности.
Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид-центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата.
Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од Ковид-19.
Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).