Илјадници луѓе денеска се собраа во Нови Сад за да ја одбележат првата годишнина од уривањето на бетонската крошна на главната железничка станица, несреќа што однесе 16 животи и поттикна најмасовни протести во Србија во последните децении, јавува АФП.
Граѓаните положуваат цвеќе и палат свеќи крај привремената ограда покрај урнатиот влез во станицата, точно една година по трагедијата од 1 ноември 2024 година.
Главната комеморација започна во 11:52 часот, во истото време кога се случи несреќата, а 16 минути тишина беа посветени на сеќавањето за жртвите.
„Чувствувам огромна болка и тага“, изјавила за АФП 45-годишната Светлана, опишувајќи го тешкото расположение меѓу присутните.
Трагедијата во Нови Сад прерасна во симбол на длабоко вкоренетата корупција и институционалната неодговорност, што предизвика континуирани студентски и граѓански протести низ цела Србија. Она што започна како барање за транспарентна истрага, брзо се претвори во движење за оставки и предвремени избори.
Студентите, кои повикаа на „најголем комеморативен собир досега“, пристигнуваа во Нови Сад уште од петокот. Илјадници пешачеа околу 100 километри од Белград, а дел и од Нови Пазар, оддалечен повеќе од 340 километри. Нивниот марш траеше 16 дена — по еден ден за секоја жртва.
Граѓаните на Нови Сад ги пречекаа со факели, знамиња и аплаузи, а улиците беа преполни.
„Дојдов да се поклонам пред најсилната сила во Србија – нашите студенти, нашата младина,“ изјави Ратко Поповиќ (47) од околината на Нови Сад.
Студентот по медицина Лука Ковачевиќ за АФП изјави: „Нашата совест нè води. Таа нè тера да се бориме за правда и подобра иднина за оваа земја.“
Политички потреси и извинување од Вучиќ
Протестите што следеа доведоа до оставка на премиерот и пад на Владата, но претседателот Александар Вучиќ остана на власт. Тој често ги нарекуваше демонстрантите „државни непријатели финансирани од странство“, а членовите на неговата партија СНС шират теории дека уривањето можеби било „намерно предизвикано“.
Во телевизиско обраќање во петокот, Вучиќ упати ретка јавна изјава на извинување:
„Ова се однесува и на студентите и на сите со кои не се согласував. Се извинувам за тоа,“ изјави тој, повикувајќи на дијалог.
Владата ја прогласи саботата за ден на национална жалост, а патријархот Порфиријe служи литургија во Храмот „Свети Сава“ во Белград. Приврзаниците на Вучиќ најавија дека ќе се соберат пред храмот за да им оддадат почит на жртвите.
Повик на воздржаност од ЕУ
Делегацијата на Европската унија во Србија реагираше со повик до сите страни да покажат смиреност:
„На оваа тажна годишнина, апелираме на воздржаност, намалување на тензиите и избегнување на насилство,“ стои во соопштението.
Иако протестите главно беа мирни, во август се случија судири со полицијата и приврзаници на власта, што дополнително ја зголеми тензијата во земјата.