Генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство, Аријанит Хоџа, вечера преку социјалните мрежи упати порака дека Желино може да ја урне владата.
„Желино, место во кое се роди една партија (движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“, напиша Хоџа во кратката порака на Фејсбук.
Оваа порака од генералниот секретар на Беса доаѓа додека Државната изборна комисија (ДИК) вечерва на седница одлучува за приговорите поднесени од учесниците на изборите за гласањето во вториот круг од локалните избори. Меѓу приговорите, има и два од ДУИ кои се однесуваат на две избирачки места во Желино.
Еден од приговорите е за избирачкото место со број 2107, кој од ДУИ го поднеле по два основи: поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите со бројот на гласачи кои се потпишале во избирачкиот список и поради тоа што едно лице гласало со истечена лична карта. Овој приговор ДИК го прифати, што значи дека, според моменталната одлука, на ова избирачко место ќе има прегласување. Меѓутоа, конечната одлука би можел да ја има и Управниот суд доколку за решението на ДИК се поднесе тужба.