Адвокатот Умејр Мухамеди со реакција се огласи по одлуката за условен отпуст на поранешниот врховен судија Наќе Георгиев, посочувајќи на, како што вели, селективниот однос на јавноста кон случаите што ја тангираат правдата.
„Јас едно нешто не разбирам: зошто кога треба за некој обичен граѓанин да го уапсат, сме спремни масовно да излеземе на улица и да вршиме притисок за строги казни, а кога станува збор за политичари, судии или обвинители – нема ни еден споделен пост“, напиша Мухамеди.
Тој во својата објава прави споредба со други случаи што предизвикале силни реакции во јавноста, нагласувајќи дека кај предметите поврзани со носители на јавни функции, реакциите се значително помали или речиси непостоечки.
Изјавата доаѓа откако Апелација му ја уважи жалбата за условен отпуст на Георгиев откако претходно Кривичен му ја уважи молбата. Судијата е осуден во предмет за примање мито на три години затвор, со што, со овие постапки беше дополнително скратена казната. Одлуката предизвика реакции во јавноста и отвори дебата за еднаквоста пред законот.