Грчкиот пазар на недвижности продолжува да привлекува голем број странски купувачи, а разликите во цените меѓу најпрестижните острови и попристапните туристички места стануваат сè поизразени. Особено голем интерес има за Халкидики, додека кај купувачите со поголема финансиска моќ расте побарувачката за луксузни имоти на островите.
Според податоците од платформата „Спитогатос“, во вториот квартал од 2026 година најголем интерес за недвижности во Грција покажале купувачи од САД, Германија, Обединетото Кралство, Бугарија, Србија, Холандија и Швајцарија.
Кога станува збор за најскапите островски дестинации, изненадување е Антипарос, кој во вториот квартал од годинава го надминал Миконос. Просечната огласена цена на станбен квадрат на Антипарос достигнала околу 7.600 евра. Така, стан од 50 квадратни метри би имал просечна огласена цена од околу 380.000 евра.
На Миконос просечната барана цена е околу 7.059 евра за квадрат, што значи дека 50 квадрати би чинеле околу 353.000 евра. На Парос просекот изнесува околу 5.263 евра за квадрат, односно приближно 263.000 евра за стан со површина од 50 квадрати.
Високите цени на Антипарос во голема мера се поврзуваат со ограничената понуда. Во вториот квартал на пазарот биле достапни само 149 станбени единици, од кои 104 биле новоградби. Ограничената понуда, заедно со високите цени на луксузната новоградба, дополнително влијае врз просечната цена.
И на другите престижни грчки острови цените достигнуваат милионски износи. На Миконос луксузните имоти достигнуваат до 12.000 евра за квадратен метар, додека на Парос имотите со поглед кон морето можат да достигнат до 10.000 евра. На Санторини цените одат до 8.000 евра за квадрат, а на Антипарос луксузните резиденции достигнуваат околу 10.200 евра.
Високи цени се забележуваат и на Хидра, каде квадратот достигнува до 7.500 евра, како и на Спецес, со цени до 6.500 евра. Во Пелопонез, Порто Хели се издвојува како една од омилените дестинации на богатите купувачи, а најлуксузните вили таму достигнуваат до 12.000 евра за квадратен метар.
За оние со помал буџет постојат и други опции. На Наксос цените достигнуваат до 5.200 евра за квадрат, на Сирос и Тинос до 5.000 евра, а на Андрос до 3.200 евра. На Родос најдобрите локации достигнуваат до 6.750 евра, додека на Сими цените се движат до околу 3.900 евра за квадратен метар.
За купувачите од Македонија и регионот, Халкидики останува далеку попристапна опција. Во вториот квартал од 2026 година, просечната огласена цена во Ситонија била околу 3.000 евра за квадратен метар, во Касандра околу 2.895 евра, а во Неа Каликратија околу 2.513 евра.
Тоа значи дека стан од 50 квадратни метри, според просечните огласени цени, би чинел околу 150.000 евра во Ситонија, 144.750 евра во Касандра и 125.650 евра во Неа Каликратија.
За споредба, истите 50 квадрати на Антипарос би чинеле околу 380.000 евра, што е повеќе од два и пол пати над просечната цена во Ситонија.
Разликата е значителна и во однос на Охрид, но споредбата треба да се земе со резерва, бидејќи грчките податоци се однесуваат на огласени цени, додека македонските се базираат на реално реализирани трансакции.
Според Регистарот на цени и закупнини, просечната постигната цена во Охрид во првиот квартал од 2026 година изнесувала околу 1.184 евра за квадратен метар. Тоа би значело дека стан од 50 квадратни метри во просек би чинел околу 59.200 евра.
Сепак, цените во најатрактивните делови на Охрид можат значително да отстапуваат од просекот. Во вториот квартал била регистрирана и продажба на стан во стара градба по цена од 3.200 евра за квадратен метар.
Податоците покажуваат дека странскиот интерес продолжува да го поддржува грчкиот пазар на недвижности, особено таму каде што понудата е ограничена. Антипарос е пример дека најскапите дестинации не мора секогаш да бидат и најпознатите – комбинацијата од мал број расположливи имоти, ограничено земјиште, луксузна новоградба и силна меѓународна побарувачка може да ги подигне цените до рекордни нивоа.