Премиерот Зоран Заев апелира да се користи уставното има на државата, Република Северна Македонија, по се почестата употреба на кратенката Република С. Македонија која во последно време се користи и од политичари. Тој денес, на промовирањето на првата дуална паралелка – фармацевтски техничар, одговарајќи на новинарско прашање рече дека ваквата употреба на името е противуставна.
„Прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С. Македонија. Тоа е понижување кон државата и Уставот на државата, секако и Преспанскиот договор кој прерасна во Закон со ратификацијата во Собранието, а кај нас тоа е преточено и во Устав. Јас можам да разберам дека некој не се согласува со вакцините процеси и слично, но сите се согласуваме со демократијата. Демократијата вели тоа е новиот Устав кој што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и во ЕУ“, рече премиерот Заев.