Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција истакна дека предлогот за одржување на локалните избори е 31 октомври, со цел истиот да не се совпадне со кампањата за Пописот.
Тој вели дека сите политички партии треба да се изјаснат и доколку се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик.
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека секогаш пред изборите партиите преговарале за датумот на одржување на изборите и за препораките на ОБСЕ и ОДХР.
„Тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии уште еднаш го потврдува фактот дека Заев стравува од одржување на локалните избори, стравува од судот на народот и бара начин истите да ги одложи. Исто така, Уставот е над се’ и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври“, се вели во ставот од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму посочуваат дека доколку аргументот на Заев е одржувањето на пописот, тогаш може да се одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот.