Не сум видел некој, толку желбата за власт да го прави човекот политички профитер. Од ракав тропате работи кои се далеку од вистината. Спроведена е постапка според закон, треба истражните органи да кажат. Дадено е решение за примопредавање. Се работи за објекти за времено сместување на пациенти, му реплицираше премиерот Зоран Заев на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дебата за изгорената модуларна болница во Тетово во лидерскиот дуел на Канал 5.
Мицкоски не му остана должен на премиерот и му одговори:
– Не тропам туку ја зборувам вистината.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се повика на Службен весник за измените на Законот за градење. Мицкоски рече дека актуелната влада направила измени на законот со кои за такви објекти не е потребна употребна дозвола.
Мицкоски рече дека ќе бидат упорни сѐ додека не излезе вистината на виделина за модуларната болница.
– Зборуваме за да спасиме човечки животи оти ситуацијата е загрижувачка. 14 лица ги загубија животите а тоа е резултат на лошото менаџирање. Ако ги погледнете во очи луѓето кои загубија блиски ќе го видите сиот гнев. Ако имате малку грижа на совест нема да размислувате, туку ќе ги прифати оставките. 14 човечки животи згаснаа заради неспособноста на власта – рече Мицкоски.
Заев повтори дека ќе почека дали ќе ги прифати оставките на министерот за здравство и на заменико, Венко Филипче и Илир Хасани откако ќе се добијат резултатите од истрагата.