Премиерот Зоран Заев замина по состанокот на Кризниот штаб во Тетово, но не даде изјава за случувањата, односно за бројот на жртви во пожарот во Ковид центарот, ниту пак причината за неговото настанување.
Заев на поминување рече дека не сака да шпекулира, а официјалните информации ќе остави да ги соопштат надлежните институции.
Градоначалничката на Тетово не даде информации како е настанат пожарот.
„Нема да има изјави се додека не се дадат официјални информации за причините како настанал пожарот и за бројот на жртвите. Нормално дека ова е голема трагедија. Информациите ќе ги чекаме кога обвинителите ќе ја завршат својата работа. Поради фактот дека немаме точни информации договорено е да не се даваат изјави“, изјави Теута Арифи.
Претходно премиерот Зоран Заев на својот Фејсубк профил објави статус во кој изрази сочуство до семејствата на загинатите.„Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе.Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените.Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен.Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово“, напиша тој.