„Нема да барам одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата. Никаде во највисокиот ешалон, дури и во вториот, не е пронајдена корупција“, изјави премиерот Зоран Заев како одговор на прашањето како го коментира последниот извештај на Стејт Департментот за инвестициската клима за 2021 година.
Според него, нема корупција кај министрите и директорите, туку по анализите таа е пронајдена во административното функционирање на јавните институции.
Официјален Вашингтон во последниот извештај на тапет ги стави полицијата, судството и многу други сектори.
„Спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, при што селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата/обвинителството, судството и многу други сектори.“ – се вели во Извештајот на Стејт Департмент.