Во ДУИ се размислува за самостоен настап во првиот круг на претседателските избори. Од партијата како најсериозен кандидат се спомнува претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.
ДУИ, неофицијално, не би поддржале консензуален кандидат за претседател во првиот круг, бидејќи со тоа нивната поддршка кај албанското гласачко тело уште повеќе би се намалила, а нивните гласови би ги презела Алијансата на Албанците.
Инаку премиерот Зоран Заев истакна дека посакува да има консензуален кандидат, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите.
-Досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во Парламентот – истакна неодамна премиерот и најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата.
Посочи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив граѓаните ги сакаат.
-Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите. Да имаме човек кој ќе биде татко на нацијата зад кој ќе застанеме сите – рече Заев и додаде дека се надева оти ќе биде избран кандидат за кој ќе биде чест да застанат и да го промивираат како иден претседател на Република Македонија.
Премиерот очекува владејачката коалиција да победи на претседателските избори но, како што вели, за одлуката на граѓаните клучна ќе биде личноста на кандидатот.