Со решение на инспектор, стопирани се двете градби во Охрид, едната сред брегот на езерото и другата во центарот на градот, зад кои стои советник од Општината, истакна премиерот Зоран Заев.
„Стопирани се двете градби, со решение на соодветен инспектор. Во постапувањето на самото решение, ќе следува процес на извршување. Законот мора да важи еднакво за сите. Ние ќе постапиме. Ако не постапи општината, ќе постапи државата. Тоа не е само заради УНЕСКО, туку заради законите во државата кои треба да се почитуваат. Ако некој не го почитува решението, тогаш следува кривична одговорност за непочитување на решението“, рече денес премиерот Заев.
Според него, сѐ уште можеби се гради зашто институциите треба да постапат по решението, но ако некој не го почитува решението, ќе следува кривична одговорност.
„Досега нема кривична одговорност, затоа што институциите на системот треба да постапат. Да формираат тим, да изберат фирма-извршител на тендер, која постапува со булдужери“, додаде Заев.
Премиерот додаде дека не се доволни парите, ама ќе се надополнат. Толку имаат предвидено во програмата. Еден дел од дивоградбите и сами се отстрануваат, зависи дали е шупа, дали е куќа или слично. Така што се постапува“, заклучува премиерот Заев.