Зошто премиерот, по последните анкети кои ја потврдија стратегијата за консензуален кандидат на партнерите во власта- цврсто не демантираше дека нема да го трча претседателскиот натпревар? Практично, премиерот калкулира меѓу наоѓањето соодветна замена за себе, и дилот да се кандидира за претседател, дознава Алфа од високи владини извори, објави Телевизија АЛФА.
Истите брифираат дека Заев го држи врелиот костен: од една страна договорот е тој да биде заедничката понуда на двата главни играчи во власта, но од друга, напуштањето на премиерската функција ќе значи внатрепартиски раскол во СДСМ за тоа кој да биде наследникот до крајот на премиерскиот мандат.
Во моментот во СДСМ тлеат различни табори, велат нашите извори, и при евентуално напуштање на функцијата на Заев, ќе дојде до внатрепартиско соочување и пресметки за тоа кој да седне на жешкото столче. Темата била повеќепати отворана на состаноците меѓу раководството на „Бихаќка“ и очигледно било дека судирот меѓу доминантните табори може да доведе до сериозни проблеми со последици во однос на егзистенцијата на партијата.
Ваквата раскрсница, пак им пречи на помалите коалициони партнери на Заев во власта, оти се незадоволни од игнорантскиот третман на премиерот кон нив- особено во делот на распределбата на функциите и вработувањата. Јавно незадоволството го изнесе ЛДП, а како што дознава Алфа, тие веќе знаат со кого ќе ја трчаат претседателската трка. Екс- пратеничката Ангелка Пеева Лауренчиќ е првото име за кандидат за претседател познато за сега. Иако неофицијално- сепак од ЛДП не ја демантираат оваа информација- инаку првично најавена од говорницата на конгресот на партијата од Милевски, кога нагласи дека многу е веројатно да настапат со сопствен кандидат.
Во меѓувреме, најголемата опозициска партија вчера објави дека во февруари ќе го соопштат нивниот кандидат за претседател.
Инаку, калкулациите околу амбициите на Заев се врзани и за преспанскиот договор, односно клучниот период што ја чека државава по нова година.
-Нема да ја отвораме темата, ниту, пак, нешто ќе разговараме за тоа во политичките кругови пред одлуката на парламентот за уставните измени, изјави премиерот пред 4 дена во врска со неговата перспектива како консензуален претседателски кандидат, а само еден месец откако прво кажа дека нема претседателски амбиции.
извор: Телевизија АЛФА